Со основно образование членуваат во управни одбори на задолжени јавни претпријатија

by Фокус

Во Управниот одбор на Јавното претпријатие „Кале“ во рамки на Центар Жупа членува лице што доставило биографија дека има завршено основно образование, но од општината тврдат дека поседува средно образование.

Станува збор за Раиф Муслиоски, кој во 2018 година, кога бил избран за член на УО на водоводното претпријатие, во своерачно напишаната биографија навел дека има основно образование и работи како столар во сопствена фирма.

Од општината, која се јавува како основач на претпријатието, пак, велат дека Муслиоски има средно угостителско образование и поседува приватна компанија со тројца вработени.

„Тој е корисен во претпријатието како член на УО, бидејки е во непосредна комуникација со корисниците на услугите од Јавното претпријатие“, велат од општината.

Но, според Законот за јавни претпријатија, членовите во одборите на јавните претпријатија треба да поседуваат високо образование, минимум три годишно работно искуство, како и да исполнуваат уште неколку услови.

„Јавното претпријатие во изминатиот период работеше со загуби. Од тие причини, не постоеше интерес за членување во Управниот одбор. Тешко е да се убедат луѓе со основно образование да членуваат во УО, а камоли со високо“, објаснуваат од Центар Жупа.

Исто така, и двајца членови на УО на комуналното ЈП „Маврови Анови“ во нивните биографии навеле дека поседуваат основно образование – Муса Ариф и Веапи Реџеп.

Во однос на нашето прашање поврзано со законитоста на нивното именување, од јавното претпријатие побараа прашањето да го испратиме во форма на барање согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Инаку, членовите на Управните одбори, според законот, вршат високо стручна работа, односно носат статут, усвојуваат програма, диктираат деловна политика, разгледуваат годишна сметка, одлучуваат за инвестиции и избираат директор кој раководи со работата на претпријатието.

В.С.

Поврзани новости