Голем дел од припадничките на понежниот пол кои што практикуваат да го прослават Осми март, денот на жената, со патување, односно екскурзија со пријателки, годинава веќе се на пат. Поради се поголемиот интерес од година во година, туристичките агенции се почесто наместо еднодневен, нудат неколкудневни аранжмани во соседството, но на подалечни дестинации.
Како што ни раскажуваат вработени во агенциите, интересот е голем, па се случувало уште пред три месеци да се распродадат понудите, бидејќи жените однапред знаеле што сакаат.
-Имавме одлична понуда за три ноќевања со појадок и авионски превоз до Амстердам, Холандија, по цена од околу 22.000 денари. Интересот за Амстердам секогаш е голем, жените сакаат да уживаат во градот кој спие на 160 канали, кои го делат на 90 островчиња. Тоа што плаќањето е на рати е олеснителна околност, па за празникот во Амстердам ќе има многу наши посетители, уште од месец јануари е распродадена понудата – велат од туристичка агенција од внатрешноста.
Покрај интересот за Амстердам, годинава големо внимание предизвикале и понудите за Венеција, Италија, кои биле доста подостапни, бидејќи четири дена со две ноќевања, со автобуски превоз изнесувале околу 8.000 денари.
Во Банско, Бугарија, пак, за три дена и две ноќевања, со вклучени оброци и пијалок, користење на базен, спа центар, фитнес и сауна, во хотели со четири ѕвезди, 8 Mарт може да се прослави по цена од 100 евра, со вклучен автобуски превоз. И за оваа понуда интересот бил голем, и повеќе групи веќе биле сместени во хотелите. Во Белград, Србија, два дена со едно ноќевање и автобуски превоз изнесува околу 4.000 денари, а исто така и Рим, Италија била посакувана Осмомартовска дестинација.
Аранжманот за Рим изнесувал околу 18.000 денари, со авионски превоз, три ноќевања со појадок, посета на Ватикан, на Колосеумот, на Шпанските скали, на црквата Свети Петар и фонтаната Ди Треви. Фотографии од расположени жени кои веќе го започнале празничното патување деновиве ги преплавија социјалните мрежи.
За оние кои сепак сакаат да слават, а не се во можност да патуваат на неколку дена, во нашите ресторани изобилува со најразлични понуди. Најчесто со жива музика и со богато мени, рестораните во земјава нудат аранжмани од 500 денари па нагоре. Во понудите е вклучен ручек или вечера, салата, ордевер, десерт и пијалок. Со меѓународниот ден на жената се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
Тоа што во Македонија мажите и жените немаат еднакви можности на многу полиња и имаме поразителни податоци за семејното насилство врз жените, очигледно паѓа во сенка за време на празникот, на кој кај нас најчесто се гледа како на можност за забава и релаксација, односно бегство од секојдневните обврски на жената.
Вики Клинчарова