Потпретседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата Катица Николовска денеска на јавната дебата посветена на претстојните локални избори рече дека дел од градоначалниците трошат средства од буџетот на општините за набавка на гориво што се точи во приватни возила, ставени во функција на изборните активности.
-Сите дојави кои ќе пристигнуваат до нас во текот на овој изборен процес, понатаму ќе претставуваат иницијатива да креираме нови механизми за следење на сите средства, не само со кои располагаат општините, туку и другите институции, да ги направиме транспарентни во делот на трошењето на буџетски пари во предизборниот и изборниот процес – истакна Николовска.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, изјави дека обезбедување интегритет на изборите претставува лесен и возможен процес кога, како што рече, постои општ и национален консензус за начинот на нивно спроведување.
-Целиот изборен процес треба да биде транспарентен, без разлика дали станува збор за дизајн на гласачи ливчиња, набавка на системи за гласање и друго. Електронската пошта и другите комуникации, треба да бидат сместени во безбедни сервери со постојана евиденција за брза усогласеност со барањата за отворена Влада. Надзорот над процесот треба да работи по правило на отворени состаноци заедно со барањата за двопартиско претставување. И штом ќе се затворат гласачките места, каде што е можно, процесот на пребројување на гласови треба да биде пренесуван во живо – порача Ивановска.