Фолк пејачката Сузана Спасовска веќе неколку месеци работела на црковниот проект ,,Терирем”, за кој на Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес од Министерството за култура и беа одобрени 140.000 денари, односно околу 2.300 евра.
Таа вчера објави фотографии и видео од пробите за солист, и порача дека со многу љубов работи на овој проект, со цел да ги доближи православните химни до младите и до народот.
-Со многу љубов и трпение, работиме неколку месеци на црковниот проект “Терирем”( аудио материјал наскоро, но и промотивни концерти, ако Бог даде).
Сузана Спасовска – солист, Георгиј Секуловски ( поддршка, консултации, вокал) и Вокален клирос “Пелагонитиса”.
Ова е обид, одбраните верзии на Православните литургиски химни да ги доближиме до народот и помладата популација.
Црковните песнопоенија и фолклорот се природно поврзани, а Бог ни дал слобода секој да ги почувствува на свој начин во своето срце. Со добра мисла и Божја помош до целта-објави Спасовска.
Покрај овие средства од Министерството за култура, на Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес, Спасовска доби и 204.848 денари, односно околу 3.330 евра во делот за Фолклорна дејност, за проект насловен ,,Судбо моја”.
И за Лешочки фолк фест 2023, чии директори се Спасовска и Борче Брзанов, министерството одобрило 208.925 денари, односно околу 3.400 евра.
Вики Клинчарова