Со околу 13 милиони евра ќе се финансираат културни проекти во 2025: Поддржани бројни пејачи, фестивали, манифестации и установи!

by Fokus

Околу 13 милиони евра, односно 814 милиони денари е буџетот на Министерството за култура и спорт, распределен за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2025 година.

Резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2025 година се објавија пред два дена на официјалната страница на министерството.

На конкурсот пристигнале 2.888 пријави, а поддржани биле 1.365 проекти.

Според министерот за култура и спорт, Зоран Љутков, новитет во годишната програма е делегираниот буџет за 18 национални установи. Се ставил акцент на финансиските потреби на националните установи, и министерството ќе се посветело на враќање на сјајот на истите.

Ќе се реализирале приоритетни капитални проекти, кои со години не биле завршени, како на пример Аквадуктот, Трескавец, скопското Кале, Шалтер сала –Пошта, конзервација и реставрација на црквата ,,Св. Кирил и Методиј” во Струмица и многу други.

Исто така, поддржани се и бројни проекти од областа на музиката и музичко сценската област, па за 2025 година се најавени многу концерти.

Помеѓу поддржаните проекти е и концерт на пејачот Ламбе Алабаковски, кој ќе слави 20 години на македонската музичка сцена. За тој настан се одвоени околу 6.600 евра. За концертен караван насловен ,,По патот на сонцето” на Некст Тајм, пак се одвоени околу 8.200 евра. За концерт на Некст Тајм, насловен ,,Мајка” кој бил посветен на татковината, одвоени се околу 4.500 евра.

Јубилеен солистички концерт на Миле Кузмановски е поддржан со околу 2.900 евра, Продукција Скендеровски е поддржана со околу 3.300 евра за концерт насловен ,,Бесмртна”, но не е прецизирано кој ќе настапува на настанот, за концерт по повод јубилеј на Баклава се одобрени околу 2.900 евра, за концерт на Фолтин во Прилеп се одвоени околу 3.100 евра, за концерт на филмска музика на Кирил Џајковски се одобрени околу 5.000 евра, а за концертот во Скопје на Пласидо Доминго се одобрени 9.800 евра.

Кога се во прашање манифестациите и фестивалите, за Скопски џез фестивал се одвоени околу 65.000 евра, за ОФФест се одвоени околу 32.500 евра, за фестивалот на забавни мелодии Макфест Штип се одвоени исто околу 32.500 евра, за Бадниковите поворки во Скопје кои ги организира здружение за возобновување на првославните традиции ,,Бадникови поворки – Скопје” се одвоени околу 8.200 евра, фестивалот Охридски трубадури е поддржан со околу 12.400 евра, Лира фест со околу 3.300 евра, манифестацијата Глумците пеат со околу 6.500 евра, манифестацијата Златна бубамара на популарноста исто со околу 6.500 евра, Фолк Фест Валандово со околу 23.000 евра, Лешочки фолк фест со околу 6.500 евра, Фолк фест Роса за јубилеј 25 години е поддржан со околу 3.300 евра, Д-Фестивал со околу 16.300 евра, за Галичка свадба околу 12.400 евра, за фестивалот Гоце Фест се одобриле околу 6.500 евра.

За детскиот фестивал Златно славејче се одобрени околу 6.800 евра, за Поточиња се одобрени околу 4.200 евра, а исто толку, односно околу 4.200 евра се одобрени и за детските фестивали Бисерчиња, Јаболчиња, Блетезат, Детски сон и Поточиња.

Поддржани се проекти во литературата и издавачката дејност, визуелни уметности, архитектура и дизајн, фолклор, драмска дејност, меѓународна дејност, библиотечна дејност, музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, како и недвижно културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра, манифестации и фестивали, како и музичка и музичко-сценска дејност.

Буџетот на МКТ за финансирање на проекти од национален интерес за 2025 година е поголем од минатата година за околу 1.2 милион евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости