Со концерт кој ќе се одржи на 14-ти февруари во Сплит, популарниот поп-рок бенд „Парни ваљак“ ќе ја започне својата јубилејна турнеја низ поранешните Југословенски републики. Бендот одбележува 50 години постоење, откако во 1975 година беше оформен од Аки Рахимовски (1955-2022) и Хусеин Хасанефендиќ „Хус“ и во својата дискографија има голем број на хитови.
По смртта на Аки, нов вокалист е младиот Игор Дрвенкар, со кого веќе снимија неколку нови песни.
Како што информираат од ,,Парни ваљак”, на турнејата и дале симболично име – ,,50”.
-Сплит за нас секогаш имал посебно значење, затоа и од таму ќе ја започнеме големата турнеја. Одбележуваме 50 години активност на сцената, и на публиката и го носиме новото поглавје на нашата приказна, а тоа е љубовта.
Љубовта е сржта на сето она кое го правиме, и останува трајна нишка која не поврзува.
Со новиот вокалист Игор го започнавме новото поглавје во 2023 година, со него објавивме пет авторски песни и одржавме над 60 концерти во клубови, но и на отворено.
Без музика ја губиме својата смисла, работиме и на новиот албум, истакнаа од бендот.
Велат дека постепено ќе ги откриваат датумите и локациите на новите концерти кои ќе бидат дел од јубилејната турнеја.
Пред десет години, кога одбележуваа 40 години на сцената одржаа концерт во Скопје, со вокалистот Аки Рахимовски. Тогаш тој изјави дека ја почитува песната и публиката, и се трудел секој концерт да му биде како прв, а турнејата ја започнувале од Скопје кое секогаш го сметал за свој град.
Исто така, и за време на јубилејната турнеја по повод три децении на сцената, одржаа концерт во Скопје.
Вики Клинчарова