Со Нинџа и неговите стотина аудио разговори денеска треба да продолжи судењето за 27 април

by fokus

Со изнесување дополнителни докази на дел од обвинетите во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.

На минатото рочиште дополнителни докази предложи одбраната на обвинетите Крсто Мукоски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ, Игор Југ и Александар Василевски Нинџа.

На денешното рочиште треба да бидат изведени околу стотина аудио разговори и фотографии предложени од Нинџа доколку бидат доставени од обвинителството, а изведувањето на доказите од Чавков, Лазаров и Пепиќ зависи од тоа дали ќе биде дозволена нивна декласификација.

Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Рускоска и Ивана Трајчевска.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Поврзани новости