Со нетрпение чекав да го запознаам Јанчев, оти слушав дека општината е многу динамична, рече францускиот амбасадор во Кавадарци

by fokus

Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, денес беше во посета на Општина Кавадарци.

Тој се сретна со градоначалникот Митко Јанчев, а по средбата изјави дека со нетрпение чекал да се запознаат, бидејќи веќе подолг период слушал како општината е доста динамична.

-Многу е важно да знаеме што се случува на државно ниво, но и да забележиме што се случува и на локално ниво. Затоа, со големо нетрпение очекував да го запознаам градоначалникот Јанчев, бидејќи слушам, но и забележуваме дека регионот и општината се многу динамични.
Навистина, со овој регион, одамна постои економска соработка, и ни останува да работиме на нејзино продлабочување. Соработката помеѓу амбасадата и општината датира одамна, а од заедничкиот состанок произлезе заедничка иницијатива, која бргу ќе ја спроведеме со Јанчев. Прва средба ни беше, но искрено се надевам дека со него често ќе се гледаме – изјави амбасадорот.

Тема на разговорите бил заедничкиот интерес на Франција и на Општината Кавадарци околу одгледувањето на винова лоза и производство на вино, како и соработката со винарија Тиквеш која имала свои насади во Франција, изучување на француски јазик на повисоко ниво во училиштата, како и за потребите на општината.

На крај на средбата, на новинарското прашање до амбасадорот, дали Македонија има шанси на патот кон Европската Унија, тој одговори со одлучно – Да!

Вики Клинчарова

Поврзани новости