Со непроменети ставови пратениците од власта и опозицијата за уставните измени

by Fokus

Пред почетокот на седницата власта и опозицијата имаат непроменети ставови. За владејачката СДСМ, уставните измени се императив за граѓаните и избор меѓу „европска Македонија“ или изолација на државата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не поддржи измени на Уставот во ваков формат под, како што велат, бугарски диктат и бараат предвремени избори

Собранието денеска и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Почетокот на седницата е закажан за во 11 часот..

Постапката е веќе почната со тоа што на 25 јули, на Комисијата за уставни прашања беа изгласани два заклучоци и тоа за пристапување кон измена на Уставот и за подготвување на нацрт- амандманите за измена на Уставот, доколку биде прифатена потребата за негова измена на седницата на 18 август. Двата заклучоци беа донесени со десет гласа „за“ и со седум гласови „против“.

Денешната седница треба да почне со усвојување на дневниот ред за што е потребно присуство на 61 пратеник, а за гласање минимум една третина од вкупниот број.

Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.

Поврзани новости