Со месеци концентрацијата на канцерогениот линдан во ОХИС била над дозволеното!

by fokus

Минатата година започна постапката за чистење на опасниот линдан (хексахлороциклохексан) од малата депонија која се наоѓа во кругот на поранешната фабрика ОХИС.

Ова лето пак, првите седум контејнери со чист HCH (хексахлороциклохексан), секој од нив тежок по 22 до 26 тони тргнаа на пат кон Солунското пристаниште од каде заминаа за Франција.

Со цел да се спречи евентуалното шириње на линданот во воздухот при чистењето, врз малата депонија е поставен специјален шатор.

Улогата на шаторот е да се спречи ширењето на контаминацијата (прашина, испарувања) генерирана во текот на ископувањето надвор од истиот, односно во околината.

НЕПРИЈАТНА МИРИЗБА

Но, жителите од околните населби Пинтија и Стаклара се жалат дека во близина на шаторот се чувствува силна непријатна миризба.

Миризбата е константна, а поизразена беше во летните месеци. Но, се чувствува и сега, особено кога со автомобил поминувате по булеварот „Борис Трајковски“, кој е веднаш до малата депонија.

Александар Мицковски од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи – ПОП-с при Министерството за животна средина објаснува дека миризбата најверојатно е од големата депонија, која се уште не се третира и се наоѓа веднаш зад малата депонија.

„Најверојатно непријатната миризба која понекогаш се јавува доаѓа од големата депонија која се наоѓа во непосредна близина и која не е покриена со дополнителна заштита“, вели Мицковски.

Во близина на депониите со линдан има две мерни места  во населено место (населба Лисиче), како и четири мерни места поставени во самиот круг на фабриката.

Почетната (baseline) состојба била измерена од 21.02 – 27.03. 2022 година, а и претходно од 12.10-28.10.2017 година во текот на истражувањето на локацијата на мерно место во близина на депониите.

Мерното место 2 е на само педесетина метри од булеварот

Во текот на теренските активности поврзани со чистењето на малата депонија имало покачување на вредностите кај сите мерни места во ОХИС (но далеку под граничните), додека граничните вредности биле надминати кај мерното место 2 (во непосредна близина на големата депонија) и тоа за alpha HCH измерот на линданот.

ГРАНИЧНИТЕ ВРЕДНОСТИ НАДМИНАТИ

Уште при почетното мерење во февруари и март 2022 година, присуството на alpha HCH измерот во воздухот кај мерното место 2 било над граничната вредност.

Граничната вредност за овој изомер е 1.200 ng/m3 (нанограми на метар кубен), а при почетното мерење концентрацијата во воздухот била 2,608 ng/m3.

За време на активностите за чистење на малата депонија, овие вредности почнуваат да растат и во јуни годинава ја достигнуваат највисоката концентрација од 9.092 ng/m3, што е за 7 ипол пати повеќе од дозволената гранична вредност.

Жителите на околните населби кои секојдневно поминувале на булеварот „Борис Трајковски“ кој е на неколку метри од малата и големата депонија и ова мерно место биле изложени на надмината гранична концентрација на овој изомер на линданот се до крајот на месец септември.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Катерина Смилева Божиновска

ФОТО: Томислав Георгиев

Поврзани новости