Со „Маршот на живите“ во кој маршираа повеќе од 2.000 битолчани и гости, од местото каде живееја Евреите, кај сегашниот здравствен дом, по Широк Сокак, низ паркот, па се до железничката станица, каде беа депортирани за Треблинка, завршија активностите по повод одбележувањето на 75 години од депортацијата на македонските Евреи.
Дел од одбележувањето во Битола беа собранискиот спикер Талат Џафери, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, битолската градоначалничка Наташа Петровска, како и израелскиот министер за одбрана.
-Драги пријатели, денес во Македонија, живее мала Еврејска заедница која со своите активности на сите полиња дава многу препознатлив и значаен придонес во целокупниот општествен и економски и културен развој на државата. Република Македонија, со Законот за денационализација, на Еврејската заедница и го врати целокупниот имот кој го имала уште пред Втората светска војна, како и имотите на нашите сограѓани Евреи, кои беа ликвидирани во Треблинка, а немаат правни наследници. Токму ова, беше појдовна основа за изградба на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, рече претседателот на Собранието Талат Џафери.
ФОТО: www.bitolanews.mk