Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжија со долги говори на седницата на Комисијата за прашања на избори и именувања на која се расправа за изборот на јавниот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија.
Претходното продолжение на седницата завршило во еден часот по полноќ по десетчасовен говор на пратеничката од опозициската партија Бети Стаменковска Трајковска, а денеска продолжи со долга процедурална забелешка на заменик координаторката Ели Панова.
Таа побара стенограми од седницата, но исто така прочита и деловник за работа на Комисијата.
Панова побара од претседателката на Комисијата Марија Георгиевска да бидат обезбедени стенограми од претходното прдолжение на седницата кое завршило во 1 часот по полноќ и на кое десет часа зборувала пратеничката Стаменковска Трајковска.
Панова ја обвини претседателката на Комисијата дека не дала никаква пауза и дека ја прекинала седницата откако пратеничката Стаменковска-Трајковска за кратко ја напуштила седницата.
Според Панова, претседателката на Комисијата требала да обезбеди и вода за пратениците, но и доктор и вработени во службите.
Таа побара и стенограми од говорот на претседателот на Собранието Талат Џафери од пред повеќе години кога како пратеник долго читаше поезија и молчеше на седница на собраниска Комисија за да се види, како што рече, дали нему му било дозволена пауза.
Панова најави дека опозициските пратеници ќе имаат долги говори и го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ зошто не го поддржуваат Јовески да стане уставeн судија.
-Сметаме дека е одговорен за криминали и афери што тој не ги расчистил – рече таа.
Претседателката на Комисијата Георгиевска рече дека за стенограмите од синоќа ќе ги извести службите и оти кога ќе бидат подготвени ќе бидат испратени до пратениците, додека за стенограмите од обраќањето на Џафери упати пратеничката група на опозициската партија да се обрати со барање до генералната секретарка.