Луѓето како вас не можат да бидат мостови меѓу двете нации, му порача пратеничката Соња Мираковска на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски на седницата на Мешовитиот комитет МК–ЕУ во Советот на Европа во Стразбур.
„За пријателство се потребни две страни. Ако кон некого покажете прст, три прста покажувате кон себе. Во Бугарија работев 10 години, имам многу пријатели, кои за разлика од вас разбираат како се чувствувам – како Македонка која зборува македонски јазик. Така ме почитуваат, така соработувавме и имавме заеднички фирми и работиме и ден-денес.
Луѓето како вас не можат да бидат мостови меѓу двете нации. Не можат да бидат мостови. Вие ги рушите мостовите. Затоа јас се надевам, ви посакувам сè најдобро во животот, но се надевам дека вашиот глас нема силно да се слуша и дека ќе дојдат луѓе кои знаат како се градат односи и со нив ќе продолжиме понатаму да градиме пријателства, му рече пратеничката Соња Мираковска на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски.
Европратеникот Џамбаски од редовите на националистичката партија ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), во Европскиот парламент, во кој обраќање имаше бугарскиот премиер Николај Денков, повика да се зборува за односот кон Бугарите „во Северна Македонија и вo Србија, каде што до ден денешен им се газат човековите права и се прогонувани“.
Тој ги обвини и европратениците од редовите на либералната групација Да ја обновиме Европа (РЕ) дека не кажуваат ништо „за репресијата, насилството и негирањето на правото на самоопределување“ на Бугарите.
„Во вашата групација има луѓе кои се преправаат дека не го гледаат насилството против Бугарите во Република Северна Македонија“ изјави Џамбаски.