Синоќа на полноќ, по повод 500 години Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски на граѓаните им го честиташе празникот со видео честитка со песната „Југословенка“ од Лепа Брена, а на видеото кое го објави на својот официјален профил се гледа преполниот плоштад за време на настапот на популарната пејачка.
Таа беше главната музичка ѕвезда на јубилејот на градот и успеа да привлече голем број на посетители. Ден пред концертот, Брена со видео порака ги праша кумановчани дали се спремни за концертот.
-Куманово, дали сте спремни? Се гледаме на 10-ти ноември кај вас, да пееме заедно! Ве сака вашата Брена – порача пејачката.
Покрај Брена, на манифестацијата која започна во петокот, а заврши синоќа со нејзиниот концерт, гостуваа Мартинијан Кириловски, Мартија Станојковиќ, Џенан Лончаревиќ, Некст Тајм, Нино Величковски и многу други музичари.
Во склоп на тридневниот празник се одржаа голем број на културни и спортски настани. Дел од улицата „Гоце Делчев“ беше затворен за сообраќај од почетокот на манифестацијата до денес, бидејќи за концертите на музичките гости беше монтирана голема бина.
Вики Клинчарова