Влезницата за локалитетот Плаошник во Охрид е за дури 50 отсто поевтина ако се купи голема свеќа, бидејќи наплатувачот така своеволно проценува дека посетителот негува длабоки и искрени чувства кон светителите во храмот. Таквите посетители наместо 100, плаќаат 50 денари. На ваквиот однос, што го сметаат за дискриминаторски, реагираат лиценцирани водичи на странски туристи, објави СДК.mk.
„Јас сум лиценциран водич на холандски јазик и најчесто работам во Охрид и веќе неколку години ме изненадуваат дрскоста и надменоста на вработените кои наплаќаат влезници за Плаошник. Група туристи од Бугарија влегува со влезници од по 50 денари, а поголема, моја група Холанѓани плаќа по 100 денари. На мое прашање зошто е тоа така, добивам одговор дека Бугарите биле православни верници и најверојатно купувале повеќе работи во црквата отколку другите, во случајов, холандските туристи, што неколку пати се покажало како неточно. Археолошките ископини се исти за сите и црквата е посетена од луѓе од цел свет, зарем не е срамота што самите туристи мора да се сведоци на ваква дискриминаторска политика“, вели во својата реакција овој лиценциран водич.