Со концерти и дискусии за македонскиот јазик се одбележува 24 мај-Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј

by Fokus

Со повеќе настани под мотото „Писмото е нашиот универзум“ денес во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј. Тие се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.

Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Со свечена академија во Филхармонија и со концерт на гудачкиот ансамбл „Антео“, во црквата Света Софија во Охрид, отпочна дводневното одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. На концертот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пратеници, професори, научници, лингвисти, книжевници.

 

Денес во хотел „Инекс Горица“ ќе се одржи панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет”, на која воведен збор ќе има премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе биде положено цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид.

Делегација од Собранието претпладне ќе положи свежо цвеќе на споменикот на „Св.Кирил и Методиј“ на плоштадот во Охрид. Централната свеченост е напладне на Плаошник.

Светите Кирил и Методиј иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24 мај.

Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука глаголицата, за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Нивното дело го продолжиле нивните ученици.

Овој голем ден се одбележува и слави повеќе од век и половина во словенскиот свет, како ден на културата и просветата.

Поврзани новости