Транспаренси Интернешнл – Македонија и Центарот за економски анализи предлагаат собранието да донесе измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците заради отстранување на проблемот со наплатата на нереално високи надоместоци за патни трошоци на пратениците. Од таму велат дека веќе десет години Собранието ги игнорира препораките на Државниот завод за ревизија, кој има утврдено исплата на превисоки износи за оваа намена.
„Законот за пратениците предвидува право за членовите на Собранието на РМ да примаат надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи. Државниот завод за ревизија во извештаите за извршена финансиска ревизија од 2008, 2010 и 2016 година препорачал да се преиспита висината на надоместокот во насока на нејзино намалување со оглед на тоа што овие расходи се нереални и опфаќаат значителен дел од вкупните расходи на Собранието на РМ. И покрај тоа, Собранието сè уште нема постапено по препораките на Државниот завод за ревизија и понатаму на пратениците им исплаќа нереално високи надоместоци за патни трошоци со што значително го оптоварува својот буџет“, велат од невладините.
Транспаренси Интернешнл – Македонија и Центарот за економски анализи го повикуваат Собранието на РМ да постапи по препораките на ДЗР со цел да ја отстрани можноста пратениците да добиваат надоместоци за трошоци во висина во која всушност не се направени.
„Истовремено, го повикуваме Собранието на РМ конечно да го донесе Кодексот за етика на пратениците во Собранието на РМ. Со тоа ќе се постави рамка за етичко однесување на пратениците во ситуации кога одредено однесување иако е легално, не е етичко, како во овој случај. Со донесувањето на ваков кодекс Собранието истовремено ќе ја исполни и препораката на ГРЕКО од извештајот за усогласеност од четвртиот круг на евалуација, а кој меѓу другото се однесува на превенција на корупција меѓу членовите на парламентот“, додаваат од таму.