Изборот на Ислам Абази за обвинител за организиран криминал предизвикало незадоволство кај Зоран Заев, кој негодувал поради тоа што, како што веќе објавивме, неговиот наследник на лидерската позиција во СДСМ и на премиерската функција Димитар Ковачевски лесно му дозволил на Али Ахмети да истурка свој човек на местото на Вилма Русковска.
Но, последниот број на неделникот „Фокус“ пишува дека Ахмети на тој начин добива и алатка за моделирање на односите на политичката сцена, бидејќи стекна контрола врз органот што има или би имал клучна контрола при постапки против функционери, кои се очекува да се интензивираат по барањата на меѓународната заедница за засилена борба против корупцијата.
Практично, преземањето на клучното обвинителство му отвора можност плус на Ахмети да ги елиминира сопартијците групирани во т.н. огнена група, кои периодов му ги матат сметките. Според неофицијални информации, Ахмети не би имал ништо против ако некој од „огнените“ се најде под прогон, што, се разбира, нема да се претстави како внатрепартиска пресметка, туку како неселективна борба против корупцијата.
Инаку, делувањето на „огнената група“ во ДУИ предводена од Изет Меџити, Муса Џафери, Блерим Беџети, Невзат Бејта и други добива на интензитет. Тие почнаа да одржуваат средби со членови на неколку ограноци, од каде веќе му порачаа на Ахмети да не го пали цел јорган за една болва, мислејќи на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби. Според нив, Ахмети го токмел Груби за негов наследник.
Од друга страна, добро упатени извори велат дека Ахмети готви и поинаков план за амортизирање на влијанието на незадоволните сопартијци. Освен тоа што работи на влез на Алијанса за Албанците во власта, чии 8 пратеници треба да ја намалат вредноста на тројцата пратеници на „огнените“, тој ги поставува основите и за создавање на поголема албанска предизборна коалиција за следните парламентарни избори.
Нашите соговорници велат дека Ахмети работи за формирање на блок меѓу ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, кој, според него, би бил победнички во албанскиот корпус наспроти Беса, која веќе трасира самостоен пат, со цел на свое конто да го собере цело анти-ДУИ расположение. Уште побитно, со ваква коалиција Ахмети сака да ги компензира „огнените“, без разлика дали ќе се одлучат за тивок бојкот или за посебни листи на изборите.
Исто така, пишувавме за причините поради кои Заев се разидува од неговиот наследник на лидерската позиција во СДСМ и на премиерската функција Ковачевски, како и за причините поради кои се врти кон поранешниот главен политички ривал – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Имено, Заев предлага заедничко владеење со ВМРО без ДУИ, со цел, меѓу другото, спас од можен реваншизам по промена на власта.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.