Јавноста е вознемирена и згрозена откако деновиве на социјалните мрежи се објави видео снимка на која се гледа како возрасен маж, со метален стап крвнички претепува куче.
Без да биде нападнат, тој пред повеќе очевидци, десетици пати со силни замави удира по беспомошното животно, препуштено на неговата немилост.
Видеото е вознемирувачко за гледање, а јавноста бара сторителот, чиј идентитет е познат на институциите, да биде притворен.
Но, сторителот Љ.К. (61) од Скопје, бил приведен на службен разговор и пуштен да си оди дома. Тој е осомничен за сторено кривично дело ,,мачење на животни” по член 233 од КЗ на Македонија.
За мачење животни и суров третман пропишана е парична казна, или пак затвор до шест месеци.
Без оглед на вознемиреноста која ја предизвика случајот кај јавноста, скопјанецот не можел да биде задржан во притвор повеќе од 24 часа.
Од МВР го потврдија настанот за ,,Фокус”.
-Полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Љ.К.(61) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од граѓанин на 19.11.2024 во 09 часот дека во Момин Поток-индустриска зона Љ.К. со тврд предмет нападнал куче и му нанел повреди.
Со Љ.К. е извршен службен разговор и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“ по чл. 233 од КЗ на РСМ, информираат од таму.
И додека човекот кој ја потресе јавноста е на слобода, од здруженијата за заштита на животните бараат измени во Законот за благосостојба на животните, односно ригорозни и ефективни казни за оние кои измачуваат и трујат животни.
Потсетуваат на искуства од минатото, кога дури и трујачи на кучиња, кои сториле кривично дело Предизвикување на општа опасност од член 288, за кое е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, но и кривично дело Мачење на животни од член 233 за кое е предвидена парична казна или затвор до шест месеци, на крај завршиле само со незначителна парична казна, или пак биле осудени условно.
Таков беше случајот во кавадаречката населба Глишиќ кој се случи лани во ноември, а кога трујачот од чиј отров кој го оставил во двор на семејна куќа почина маалско куче, доби условна казна и глоба од 300 евра.
Во Неготино пак, случајот со трујач кој беше фатен на камери како остава разорен отров од кој угинаа повеќе кучиња и мачки, се уште нема судска разврска, бидејќи осомничениот постојано ги одлага судските рочишта. Овој настан се случи минатиот Божиќ, односно во јануари 2023 година.
Од Здружението за заштита на животните Анима Мунди, за случајот од Момин Поток јавно побараа итно процесирање на кривична постапка и најстрога, тригодишна казна затвор за сторителот.
-Државата мора да ја препознава и најстрого казни суровоста кон животните која е во државите во ЕУ индикатор за насилство врз деца, жени, ранливи категории; показател на сериозна психопатологија, велат од здружението.
Кучето пак, кое беше мета на суровиот напад, моментално е згрижено во ЈП Лајка, од каде денес информираа дека по два дена неизвесност, утрово тоа покажало подобрување на состојбата и дека полека излегува од критичната состојба во која беше однесено таму.
Вики Клинчарова