По стравотниот масакр во основно училиште во Врачар, Белград, утринава, кога 14-годишен ученик смртно застрела девет лица, а тешко се повредени уште шест ученици и една наставничка, јавноста се прашува со каква казна ќе се соочи сторителот на крвавиот пир.
Од она кое досега го соопштија српските власти, познато е дека малолетникот го зел оружјето од својот татко, во ранецот имал и молотови коктели, а нападот го планирал цел месец.
Дали неговата возраст ќе биде земена како олеснителна околност во случајов, и по неколку години момчето ќе го продолжи животот на слобода, е она кое ја загрижува јавноста.
Сличен случај, кога беше извршен вооружен напад во основно училиште, и тоа од страна на ученици кои во тој период имаа по 11 и 13 години, ја потресе светската јавноста во 1998 година. Настанот се одигра во Арканзас, во училиштето Вестсајд.
Сторители на масакрот беа Мајкл Џонсон (13) и Ендру Голден (11). Тие украле од куќата на дедото на Голден дури девет вида на огнено оружје, кое го скриле во близина на училиштето, во ранец. Дента на нападот, кога учениците и наставниците започнале да излегуваат од училиштето, двајцата напаѓачи започнале да пукаат. Беше убиена една наставничка на возраст од 32 години и четири ученици на возраст од 11 и 12 години. Во нападот беа повредени уште десет лица, од кои девет ученици и еден наставник.
По нападот, момчињата се обиделе да побегнат, но биле пресретнати од полицијата и уапсени. Тие се помеѓу најмладите напаѓачи во Америка, и беа осудени на издржување на казна во Федералната поправна установа Мемфис, се до времето кога ќе наполнат 21 година.
Станува збор за еден вид на затворски камп со минимална безбедност, за машки престапници, од каде Јонсон беше ослободен на својот 21 роденден, во 2005 година, по поминати седум години во установата.
Голден пак, беше ослободен исто така на својот 21 роденден, во 2007 година, по поминати девет години во установата.
Момчињата учеле во истото училиште во кое го извршија нападот и имале проблематично однесување. Пред да се случи нападот, Голден бил обвинет дека убил мачка користејќи воздушен пиштол, познат како ББ ГУН, а пак Џонсон и се заканувал со убиство на својата девојка, која во тој период била во шесто одделение. Биле пријавувани кај класниот раководител поради недолично однесување и закани кон соученици, но не биле сфатени сериозно.
Американските медиуми објавија повеќе репортажи за животот на двајцата напаѓачи, откако тие беа ослободени.
Две години по ослободувањето, Џонсон бил уапсен поради поседување на оружје и дрога. Исто така, беше обвинет и за крадење на кредитни картички. Беше осуден на 18 години затвор. Сепак, во јули 2015 година бил ослободен и сместен во центар за рехабилитација.
Голден пак, по излегувањето од установата го променил своето име, се запишал на колеџ, се оженил и добил син. Загинал во 2019 година во сообраќајна несреќа, во која биле повредени неговата сопруга и син.
За време на нивното судење, судијата Ралф Винсон изјави дека казната која ја добиле не е соодветна за криминалот кој го сториле, и доколку не биле толку млади, ќе добиеле смртна казна за делото.
Вики Клинчарова