Престанокот на мандатите на претседателите и на членовите на независните државни комисии се прави со итни законски измени, предложени од група пратеници, без да бидат исполнети услови за разрешување и без јавни консултации.
Ова е денешната реакција на Платформата за граѓански организации за борба против корупцијата за изгласаните измени и дополнувања, како и за предлозите за нови измени на законите со кои предвреме се прекинува мандатот на членовите и на претседателите на независни и самостојни државни органи, како Државната комисија за жалби по јавни набавки, Комисијата за заштита на конкуренцијата и второстената Државна комисија за одлучување во управна постапка.
„Со оглед на тоа што фокусот на овие законски измени е токму на составот и изборот на членови на независни институции, се стекнува впечаток дека целта на измените е да се изберат нови состави на овие комисии по мерка на новата власт“, се вели во соопштението од Платформата за борба против корупцијата.
Посочуваат дека ваквиот упад во работата на институциите што по својот модел треба да бидат независни од централната власт претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите.
„Бараме од пратениците да не ги гласаат предложените измени на Законот за јавни набавки и да се отвори широка јавна расправа во која темелно и непартиски ќе се бараат решенија за подобрување на работењето на овиее и други независни институции“, велат од Платформата.