Судскиот совет попладнево преку соопштение реагираше на најавените измени на законите со кои се предвидува намалување на коефициентите на платите на избраните и именуваните лица.
Од Судскиот совет наведуваат дека со интервенција во закон во кој е загарантирана платата на судијата, директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите и на независноста и самостојноста на извршување на судската власт.
– Финансиската независност на судството е од огромно значење за самостојноста и независноста на судството воопшто, па со интервенција во закон во кој е загарантирана платата на судијата, со недостаток на финансиски средства за исплата на додатоци на плати за вработените во судството, незголемување на платите на вработените во судството, неодобрување на сите побарани согласности за нови вработувања, директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите и на независноста и самостојноста на извршување на судската власт, се наведува во соопштението.
Од Судскиот совет посочуваат дека судиите во извршувањето на своите функции мора да бидат независни, компетентни и непристрасни и дека од тие причини платите на судиите се регулирани со посебен закон.
– Највисокото законодавно тело при донесување на законите должно е да ги почитува Уставот и меѓународните договори кои ги ратификувало. Овој закон е донесен токму во согласност со уставот и маѓународните договори кои се ратификувани од Собранието, но и со почитување на меѓународните стандарди кои се однесуваат на судството, се вели во соопштението.
Во Собранието денеска во рамки на 145. пленарна седница помина предлогот за измена на шест закони со кои се предлага намалување на коефициентите за пресметка на плата на избраните и именуваните лица.