Со Груевски требало да избегаат и неговите блиски соработници, планот бил скроен пред СЈО да ги поднесе обвиненијата

by fokus

Бегалецот и поранешен премиер Никола Груевски, реплицирајќи и на критиките на екс министерката Гордана Јанкулоска, откри дека планот за бегство во Унгарија бил скроен уште пред СЈО да ги поднесе обвиненијата, во 2016 година. Исто така, откри и дека се разговарало таму да се засолнат Јанкулоска и уште неколкумина негови блиски соработници.

-Некаде пред поднесувањето од страна на СЈО на првите обвиненија во 2016 година еден наш тогашен соработник беше во Унгарија и потоа кажа дека проценил дека тамошните власти се целосно свесни дека за она што се случува во Македонија е чист политички мотивиран прогон од СЈО и неговите тутури, и дека тој е сигурен дека ако некој што е под таков прогон легално побара азил во таа земја, дека властите нема да влијаат негативно на нивните институции за да не се одобри азил и ќе ги остават независно и без негативни влијанија самостојно да одлучуваат. А ако не влијаат негативно политичарите и останат неутрални, тогаш тоа значеше дека нашиот случај кој беше чист политички прогон, секоја слободна државна институција би го прифатила како неспорлив факт.
Исто така тој кажа дека станува збор за многу суверена влада на која не можат однадвор да и кажат што треба да прави, ако тие не мислат така и не се согласуваат со тоа, вели Груевски.

Тој додава дека кога Јанкулоска ја слушнала идејата се израдувала како ,,мало дете”.

-Се сеќавам кога го слушна тоа Гордана Јанкуловска, како силно и нескриено се израдува како “мало дете” со мноштво позитивни коментари пред неколку други лица кои беа исто така под прогон и кои сега нема да ги именувам, кажувајќи дека тоа би било многу добро времено решение од политичката хајка против нас.
Па дури како правник таа и правно ни раскажа за правата кои ги дава статусот на азил меѓу кои и дека власта која го врши политичкиот прогонот не може по никој начин да ги постигне целите некого недолжен да затвори, дека семејството може да добие ист таков статус и да се придружи, дека ги имаат речиси сите права како граѓаните на таа земја опишувајќи ги во детали, итн, вели Груевски.

Тој во писанието на фејсбук ја пишува Јанкулоска со ,,в” во презимето, иако му беше една од најблиските соработнички со години.

-Зошто потоа таа одлучи да не бара азил, таа си го знае тоа, како што знае дека ако го бараше ќе го добиеше, бидејќи штом институциите на една сериозна и суверена земја членка на ЕУ издадат азил на еден човек за одреден политички прогон, осбено за поранешен премиер, секако кога се работи за други членови на неговата влада кои неспорно се дел од истиот тој прогон, не може одлуката да е поинаква, освен иста како за него, продолжува Груевски.

Тој открива и дека преку писмо им понудил на соработниците да избегаат во Унгарија.

-За истото подоцна јас ја известив Гордана со писмо предадено на рака која таа го прочита во присуство на човекот кој и го однесе пред нејзиниот дом, како што на ист начин се обратив и до повеќе други лица од мојот тим кои беа под силен политички прогон во тоа време.

Во тоа писмо и нагласив, како и на сите други, дека доколку се одлучат на тој чекор по пристигнувањето тука во Унгарија, може да сметаат на секаква моја помош во нивно вклопување во новата средина. Некои од тие лица се подготвуваа да дојдат, дури и нивни блиски дојдоа да разговараат со мене околу тоа како течел процесот на добивање азил и слично, но во последен момент се откажаа заради ним познати причини, открива Груевски.

Инаку обвинителството никогаш не откри кој му помогна на Груевски да го скрои планот за бегство и да ја напушти државата. Предистрагата за овој случај се уште е отворена.

Груевски, во 2018 година, откако претходно си ги испразни банкарските сметки, со 120.000 евра, избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Рутата за бегство му беше преку Албанија, Црна Гора и Србија, со крајна дестинација Унгарија.

В.В.

Поврзани новости