Со голем Аеромитинг во Стенковец кај Скопје во сабота ќе се одбележат 100 години Македонска авијација

by Fokus

Со голем Аеромитинг во сабота на 16 септември, на спортскиот аеродромот Стенковец кај Скопје, ќе се одбележи јубилејот – 100 години Македонска авијација за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година.

За настанот на кој ќе присуствуваат владини претставници и гости од земјата и регионот, подготвена е богата програма во која ќе учествуваат над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион. Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот.

Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме досега скокнато, а едриличарите ќе покажат акробации од кој застанува здив. Во програмата предвидено е да има акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот Лирџет 60, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.

Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи MIG-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.

На аеромитингот ќе биде изложена и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот Илинденка. Таа е светиот грал на Македонското воздухопловство. Во соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија успеавме привремено да ја донесеме Илинденката за да може да ја претставиме на посетителите и јавноста.

Влезот на аеромитингот е слободен и бесплатен. Секој може да влезе и да излезе кога сака. Посетителите треба да се подготват како за пикник. Пожелно е да носат барем ќебенце, ако не камперски столчиња и други помагала. Колку порано дојдат – толку подобро место ќе си фатат.

Јадење и пиење посетителите може да си носат, но ако сакаат може и да си купат, ќе има штандови со јадење и пиење.
Паркинг-местата се ограничени. На посетителите од Скопје им препорачуваме наместо со автомобил, да дојдат на Стенковец со бесплатните автобуси кои тргнуваат во 8:30 од 5 локации во Скопје: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.

Клубот измина долг пат од своето основање и низ него поминале над 3.000 воздухопловни ентузијасти, пилоти, едриличари, падобранци и механичари. Низ овие години тој изградил силна репутација за воздухопловна безбедност, образование и обука, и обезбеди можности за младите луѓе да продолжат со кариерата во воздухопловството.

 

 

 

Поврзани новости