Иако засега не постои никаков безбедносен ризик на теренот, кога станува збор за нарушување на мирот во Босна и Херцеговина, во последните денови е засилено присуството на силите на Еуфор, особено по влегувањето во земјата на преостанатиот дел од контингентот од 500 војници.
Распоредувањето на новиот контингент во БиХ е проследено со тренажни летови на млазни авиони, на барање на Франција. Намерата е со демонстрација на сила да се испрати порака дека нештата во БиХ мора да останат такви какви што се, пишува Дојче веле.
Покрај тоа, командата на Алтеа, воената мисија на ЕУ во БиХ, ја прифати понудата на Франција над БиХ од денес да почнат да се изведуваат тренажни летови со борбени авиони „рафал“.
Како што се наведува, летовите ќе се одвиваат „преку Западниот Балкан“, со ловци од носачот на авиони Шарл де Гол, кој пристигна од Медитеранот.
-Во вакви времиња, кога безбедносната рамнотежа во Европа е нарушена, Европската Унија ја покажува својата постојана посветеност и решително да ја поддржи сигурната и стабилна атмосфера во БиХ и на Западниот Балкан, наведе Алтеа.
Безбедносната ситуација е стабилна на целиот Западен Балкан, сметаат аналитичарите, но истакнуваат дека ниедна од овие демонстрации и преместување на трупи не е случајна.
Западот сака да испрати јасна порака, не само во БиХ, туку и на просторот на цела поранешна Југославија, дека нештата нема да се менуваат.
-Засилувањата кои ги испраќа Еуфор се порака дека БиХ се гледа како потенцијален извор на криза и сакаат да дејствуваат превентивно. Со демонстрацијата на сила се сака да се докаже дека ЕУ гледа на БиХ и следи сè што се случува во политичкото опкружување, вели воено-политичкиот аналитичар од Белград Александар Радиќ.
На крајот на февруари во БиХ пристигна првата единица во рамки на распоредувањето дополнителни 500 припадници на Еуфор.
Тоа активирање на резервите е „мерка со која се дава поддршка на веќе распоредените трупи на Еуфор, и партнерите во БиХ“.
Викендов почна распоредувањето на останатите припадници на воената мисија на ЕУ, па со овие 500, ќе ги има вкупно 1.100 во БиХ.
Аналитичарите веруваат дека медиумската пропаганда, која го достигна својот историски максимум во конфликтот на Русија и Украина, може да предизвика дополнителна дестабилизација и на просторот на Западниот Балкан.
Добар пример за тоа, смета германската агенција, е неодамнешниот повик на министерството за одбрана на Србија до резервниот состав, за изведување воени вежби овој месец.
Дел од западните медиуми на оваа активност гледа како демонстрација на сила, пред сè кон земјите во опкружувањето.