Популарната забавна манифестација ,,Златна буба мара на популарноста,, го најави своето 27-мо издание. Настанот ќе се одржи на 22-ри февруари во Арена Борис Трајковски, со почеток од 20 часот, а на рекламниот плакат годинава се најде фотографија од пасош.
Билетите можат да се подигнат од 24-ти јануари, и традиционално секоја година е тоа што се распродаваат за само неколку часа.
Се уште не се откриваат гостите на настанот, на кој на забавен и сатаричен начин се прераскажува годината која изминала.
Лани на манифестацијата недостигаше актерот Сашко Коцев, кој пред тоа 17 години беше нејзин водител. Наместо него, на сцената доминираа неговите колеги Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски. Тогаш првиот човек на шоуто, Ранко Петровиќ, за ,,Фокус” изјави дека го ослободиле Коцев, бидејќи имал премногу обврски околу актерската кариера со две претстави, но и турнеја во Словенија.
Нема информација дали актерот годинава пак ќе застане на сцената во улога на водител на манифестацијата.
Од ланското издание пак, како еден од најпопуларните перформанси беше тој на Андријана Јаневска и Игор Џамбазов, кои ја изведоа ,,Ми заплакало селото Ваташа”, со рецитал на песната ,,Цветови” вметнат помеѓу нотите, во знак на сеќавање и почит кон 12-те ваташки деца кои пред 80 години беа ѕверски убиени од бугарскиот фашистички окупатор.
Вики Клинчарова