Со една порака, Мишела ги обедини власта и опозицијата

by Fokus

Со само една порака, веднаш без вдоумење добив ветување дека ќе помогнат во изградбата на домот на малата Мишела од Куманово, од највисоките структури и од власта и од опозицијата. Ветувањето веднаш го исполнија, и без таа помош целата акција ќе се одвиваше многу тешко – вака за ,,Фокус” раскажува штипскиот хуманитарец Александар Горгиевски, кој за помалку од 50 дена успеа да и обезбеди нов дом на Мишела и нејзината баба.

Тој им изгради мала куќа која е комплетно опремена со бела техника, мебел, санитарија… Нивниот скромен дом изгорел во пожар, и двете беа оставени да живеат сами, во крајно лоши услови, буквално без кров над главата. На почеток спиеле кај соседи, потоа во интернат, а на крај самите импровизирале живеалиште во рушевините кои останале зад пожарот.

-Беше многу напорно да се работи, бидејќи градењето се одвиваше на пеколни температури, од над 40 степени. Организирање на мајстори, прибирање на материјал, патување до Куманово и назад, имав многу тежок период. Но, желбата на тоа дете да му обезбедам кров и топол кревет, беше посилна од се. Многу ми е драго што врвот на двете политички партии помогна, заборавија на ривалството и во име на хуманоста, со еден збор, со само една порака, понудија помош. Голема помош имав и од кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, беше достапен за секое прашање, за механизација и низа на други работи. Од кумановскиот ресторан Бруклин, обезбедија топол оброк за мајсторите, добиваа појадок и ручек, а еден од соседите на Мишела, гледајќи ме како се мачам среде жештините, ми понуди да спијам кај него, за да не патувам секој ден. Се покажа хуманоста на дело, во име на овозможување на достоинствен живот на едно дете, кое со свои 11 години, преживеало многу- вели Александар.

Приказната за Мишела, која кога имала само три дена, мајката ја оставила да живее со баба и, и која била повеќе гладна отколку сита, ја трогна целата земја. Нејзината приказна, дека сака да учи, и дури пишува домашно под уличните светилки, бидејќи немаат електрична енергија, била повод штипјанецот да се понуди за помош, и заеднички со хуманите граѓани да ја започне изградбата на новиот дом.

-Се што е потребно за нормален живот, овозможено им е. Нов телевизор, клима уред, машина за перење, шпорет, мебел, квалитетни прозорци и врати, се обезбедивме. Бабата прима социјална помош, но многу граѓани се јавуваа и донираа средства на нејзината сметка. Верувам дека сега животот ќе им биде олеснет во голема мера. Се случи, додека траеше изградбата, на Мишела да и биде роденден, со мајсторите и купивме торта и ролери, се јавија хумани луѓе кои и купија и нова облека, патики. Таа пред тоа немаше ниту патики, многу се радуваше на сите подароци- раскажува хуманитарецот.

Тој изминатиот период изгради неколку куќи на социјално загрозени семејства. Вели дека телефонот постојано му ѕвони, а луѓето секојдневно бараат помош.

-Искрено, не знам дали ќе продолжам со хуманитарната работа. Разочаран сум од актуелната состојба во земјава, па дури и размислувам повторно да заминам на работа во странство. Ми сметаат неправдите и не можам да ги премолчам, а некако, подобрување на состојбата, не гледам во скоро време – изјави Горгиевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости