Со две дози досега се вакцинирани 44% од граѓаните

by fokus

Епидемиолошката слика во државата релативно стабилна. Бројот на новозаразени од направени тестирања веќе неколку недели се движи околу 13 проценти во просек дневно. Паралелно се одвива и вакцинацијата. Досега се ревакцинирани 44 проценти од полнолетните граѓани во државата, информираше вчера Министерството за здравство.

Во текот на завчерашниот ден биле аплицирани вкупно 5.246 дози вакцини, од кои 1.253 аплицирани како прва доза, 3.897 ревакцинирани, а 96 граѓани примиле трета доза вакцина.

– Заклучно со завчера вкупно се вакцинирани 791 141 граѓанин, ревакцинирани се 737 979, а трета доза примиле 425 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Педесет и три отсто од граѓаните над 40 -годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 32 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина.

– Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 отсто од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини, информираат од Министерството за здравство.

Процентот на новозаразени од коронавирусот од вкупниот број направени тестирања, во последниот месец во просек е околу 13. Вчера беа регистрирани 399 нови случаи од направени 3.337 тестирања, што е речиси 12 проценти. Но, за разлика од претходните денови, вчера беа евидентирани голем број на оздравени пациенти, дуру 1.348, што придонесе да се намали бројот на активни случаи на 10.816, кој претходните денови се движеше околу 12.000.

Во претходното деноноќие беа евидентирани и 17 починати лица од кои осум од Скопје (59г, 65г, 68г, 70г, 72г, 80г, 83г и 86г), четири од Куманово (64г, 69г, 71г и 79г) и по едно починато лице од Охрид (93г), Радовиш (72г), Струмица (87г), Битола (90г) и Гостивар (63г). Од пријавените починати, 16 се починати во болнички услови, а едно лице е починато во домашни услови, соопшти Министерството за здравство.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“, пријавени се уште четири починати лица, со датум на смрт од 24 до 30 септември. Починатите лица се по едно лице од Скопје, Тетово, Велес и Охрид, на возраст од 63 до 81 години. Од пријавените лица три се починати во болнички услови, а едно лице е починато во домашни услови.

Досега се направени вкупно 1.305.039 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 193.052 бројката на оздравени пациенти е 175.496, на починати е 6.740, а бројот на активни случаи изнесува 10.816.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 5265 активни случаи, следи Куманово со 953, Тетово – 835, Гостивар – 410, Кичево – 356, Охрид – 343, Велес- 315, Прилеп -276, Битола – 240, Струмица – 231, Штип – 215, Кавадарци – 207. Во другите градови се под 200 активни случаи. Во Дојран и натаму еден случај.

Засега одговорните не планираат нови антиковид-мерки зашто е намален бројот на хоспитализирани, болниците не се оптоварени и се празнат. Трета доза „Фајзер“ им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Од идната недела околу 8200 основци и средношколци ќе бидат тестирани за присуство на КОВИД-19 за да се добијат податоци за преносливост на вирусот во училиштата.

Според светската статистика, досега од коронавирусот се заразиле над 236 милиони луѓе, починале околу 4,8 милиони, а оздравеле повеќе од 213 милиони лица.

Поврзани новости