Добровечер крушевчани, добровечер Македонијо, за многу години Илинден – кажа синоќа поп пејачката Тамара Тодевска, на прославата за Илинден во Крушево. Потоа го започна настапот со популарната балада на Тоше Проески – ,,Тајно моја”.
Пред присутните покрај Тамара, настапија и Виктор Апостоловски, Викторија Лоба и Наде Талеска, а на репертоарот беа застапени хитовите на Проески. И Викторија Лоба се обрати пред присутните со зборовите – Честит Илинден Македонијо! Премиерот Димитар Ковачевски заедно со дел од владиниот врв го следеше концертот.
Тамара, која во 2019 година беше прва македонска претставничка на Евровизија која настапи под името Северна Македонија, уште тогаш се најде на удар на многу критики од дел од јавноста затоа што се согласила да пее под променетото име на државата. Набргу по Евровизија, кога Македонија го оствари својот досега највисок пласман, односно седмо место, Тамара повторно се најде на мета на напади, бидејќи ја отпеа химната изоставувајќи го стихот каде се спомнуваат Гоце Делчев и останатите револуционери.
Тоа се случи за време на приемот во Амбасадата на САД во Скопје, а по бурните реакции и јавниот линч врз неа, Тодевска се извини и кажа дека се случил ненамерен пропуст.
Потоа, во знак на извинување ја истетовира испуштената строфа, но до денес се уште нејзиното име се поврзува со настанот со химната.
По вчерашниот концерт на Гумење, повторно се актуелни реакции на јавноста, и чести се коментарите дека Тоше Проески никогаш не би настапил на манифестација која е исполитизирана. Се објавуваат негови цитати во кои вели дека името на неговата земја е Македонија, како и делови од негово постаро интервју, во кое вели дека никогаш не би пеел за ниту една политичка партија, бидејќи парите заработени од таков настан се проклети.
Инаку, манифестацијата Десет дена Крушевска република 2022 ќе трае до 10-ти август. Ќе настапат локални диџеји, Дац и Александар, ќе има детски фестивал, филмска проекција, изложба, Ден на влашката култура и друго.
Вики Клинчарова