Црна Гора вчера прогласи победа над корона вирусот, откако 20 дена не бил регистриран ниту еден позитивен случај. Земјата започнува да се враќа во нормала, а популарниот црногорски поп музичар Бојан Маровиќ, за ,,Фокус” раскажува дека се радува што од први јуни неговата земја ќе продолжи да функционира како пред епидемијата.
-Сите мерки кај нас се воведоа уште пред и да ни дојде вирусот. Бевме многу внимателни, уште пред и да се соочиме со опасноста се воспостави ред, со цел да се заштитиме. Морам да кажам дека народот беше многу дисциплиниран, кога се мерките и препораките во прашање. Секако дека на сите ни беше тешко, но тоа е една би рекол ,,виша” сила, нешто со кое нема игра. И токму поради таа самодисциплина на луѓето, ние сме сега зона ослободена од Ковид -19 – вели Маровиќ.
Додава дека од први јуни се се враќа во нормала, животот продолжува како пред корона вирусот во неговата земја.
-Јасно ми е дека на сите им е тешко, би им порачал на моите пријатели Македонци да издржат, кога можевме ние со дисциплина, ќе можете и вие да се изборите. Се имаме едни со други, убави денови се пред нас – ни изјави музичарот, кој во минатото беше чест гостин во нашата земја.
Инаку, Црна Гора беше последната земја во Европа која немаше регистриран случај на вирусот се до 17-ти март. Првите два случаи на Ковид – 19 кои беа регистрирани на 17-ти март беа лица кои се вратиле од Шпанија. Последниот случај беше регистриран на 4-ти мај, а вчера, на 24-ти мај, 68 дена по првиот позитивен случај, Црна Гора прогласи победа над вирусот. Досега беа регистрирани 324 случаи, а девет лица починаа. Шест од починатите имале и канцер, а просечната возраст на починатите беше 70 години. Сите беа мажи.