Со денови „водиме“ со ПМ10 честички, како да се спречи загадувањето?

by Fokus

Отровни ПМ10 честички во воздухот во Скопје, четврти ден по ред се над дозволеното ниво. Додека граѓаните се гушат, надлежните институции излегоа со краткорочни мерки кои треба да го намалат енормно загадениот воздух.

Од Министерство за животна средина и просторно планирање велат дека општините се должни да ги спроведат мерките пропишани во Краткорочните планови донесени на Советите на општините. По однос на мерните станици, пак, од Министерството велат дека само таа во Лазарополе е надвор од фукција.

По неколкудневна енормна загаденост, Градот Скопје излезе со свои предупредувања и препораки со кои меѓудругото ги повика МВР и општините заеднички да ја војуваат битката против аерозагадувањето.

Меѓупрепораките се: бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје и ограничување на градежните активности.

Инспекторите веќе се на терен подолг период и вршат засилени и вонредни контроли. Градот Скопје располага со пет иснпектори за животна средина, осум комунални инспектори и 14 комунални радари. Со цел решавање на овој голем проблем, Град Скопје има низа проекти и системски решенија, кој ќе донесат подобар и поздрав живот за сите граѓани на Скопје“ информираа од Град Скопје.

Во предупредувањата и препораките на Град Скопје се наведува и тоа дека градоначалниците на општините во градот Скопје треба да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

Истово сценарио го гледавме и претходно, но поминаа многу години, а ништо не се смени. Дали ќе продолжат ветувањата или ќе заглават во политиката.

БЕСПЛАТНИОТ ПРЕВОЗ НЕ ГО РЕШАВА ЗАГАДУВАЊЕТО

Аерозагадувањето е повторно во пол ек, а привремен бесплатен јавен транспорт во денови на екстремна загаденост нема да помогне во неговото решавање. Како активисти кои долги години се борат на темата, Зелен хуман град  има составено предлози кои и лани баравме да станат дел од буџетот на Град Скопје за 2021 година, реагираат од Зелен Хуман град чија активистка Драгана Велкоска стана советник во Советот на Град Скопје.

Според нив дел од клучните амандмани за намалување на аерозагадувањето се:

Хипер-мрежа на сензори за брза детекција на изворите на аерозагадувањето (посебно индустриските), Активирање на зелениот катастар на градот, и следење на секое дрво со негова помош. Поставување на компостари за био-отпад, со кои ќе се намали и до 60% на отпадот во депониите кои горат. Наместо пробивање нови улици, пробивање и закајнување на мрежата на вело-патеки и ленти. Зелени инвестиции, посебно за фотоволтаици на објектите на Градот

-Секако, тука спаѓаат и Државен инспекторат за животна средина  кои мора постојатно да се на терен и да казнуваат, а Министерство за внатрешни работида ги спроведува тие казни, порачуваат тие.

ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА МЕРНИ СТАНИЦИ

Тие за „Фокус“ велат дека затоа и еден од предлозите на Зелен Хуман град  за новиот буџет на Град Скопје за 2022 година е да се постави хипермрежа на мерни станици кои во секој момент ќе детектираат аерозагадување на многу помал радиус и ќе знаеме точно од каде и кога потекнува загадувањето.

-Воедно, загадувањето може да го намалиме и со компостирање на биоотпад со што отпадот на депониите ќе го намалиме за најмалку 60%. Од биокомпостирањето може да произведуваме биогас што може да се користи како обновлив извор на енергија, што во комбинација со инсталирање на фотоволтаични системи најнапред на објектите под надлежност на Градот, а потоа и индивидуалните згради/домаќинства итн. ќе произведуваме чиста електрична енергија со која и ќе се бориме против енергетската сиромаштија и ќе ги сузбиеме последиците од енергетската, климатската и здравствената криза со кои се соочуваме, појаснуваат од ЗХГ за „Фокус“.

 

И МИНАТАТА ГОДИНА РУШЕВМЕ РЕКОРДИ ВО ЗАГАДУВАЊЕ

 Рекорди рушевме и минатата година, само во помал број на денови до сега. Тоа се должи на временските услови. Во Скопје ние континуирано загадуваме, но бијдеќи сме во котлина, нашата георгафска положба е подложна на ефект наречен температурна инверзија. Тоа се случува кога топол воздух од градот се крева нагоре, а ладен воздух од стурењата се спушта надолу, притискаат еден врз друг, и го создаваат тој „капак“ врз скопската котлина што го гледаме од Водно како една тепсија од облаци, појаснуваат од ЗХГ.
Тие појаснуваат дека сето загадување, што ние и така го испуштаме, сега веќе не може да излезе надвор, и останува заробено во котлината, се таложи, и станува „апокалиптично“, како што е последнава недела.
– Македонските институции мора одлучно и неселективно да постапуваат, а не да се надеваат дека ќе дувне ветар и ќе нè спаси од сето она што самите го произведуваме, а на крај месечните или годишните просеци се невалидни без континуиран тек на мерење на загадувачите во воздухот, заклучуваат тие.
ИНДУСТРИЈАТА Е НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВАЧ
Според поголемиот дел од активистите на „Движење за чист воздух“ најголем загадувач е индустријата, особено таа лоцирана во центарот на градот која речиси и да не се контролира ниту пак има соодветни филтри.
И тие го делат мислењето дека овие брзи мерки донесени од градот не го решаваат проблемот, туку се повеќе популистички, а екологијата станува политички профит наместо грижа за природата.
Според нив во минатото имало успешни инспектори и раководители во министерството за животна средина, но за жал тие биле разрешени бидејќи си ја работеле работата како што треба.

Граѓаните можеби загадуваат, но тоа е минорно во однос на профитерите и најголемите трговци со струја во ова општество. Зарем некој што се обидува да преживее па се грее на што најде е повиновен од некој кој што трупа богатство на сметка на сите. Сите имаме вина но потребни се стратегии и санкции и одвоен буџет за животната средина, вели Маријан Ненов активист во „Движење за чист воздух“

Тој додава дека има многу пари од такси кои граѓаните ги плаќаат но не завршуваат за заштита на природните ресурси туку исчезнуваат од Буџетот за плати и други непродуктивни трошоци.
– Мерките на ден, два,  бесплатен превоз како и миењето на камионите што одат на градилишта се смешни, вели за „Фокус“ Жаклина Анастасова од „Движење за чист воздух“
Според неа потребен е прекин на производство на металската индустрија и вонредни инспекциски надзори, а вистински мерки на краток рок се:
-мораториум на градежни работи
– прекин на производство на металската индустрија и вонредни инспекциски надзори, – прекин на прелети на авиони кои прават шрафури на небото
– забрана за движење на камиони во централното градско подрачје од 7 до 18 часот
– вонредни технички прегледи на сите возила од градски превоз и отстранување од сообраќај на неисправните
Вистински мерки на подолг рок се:
– прекин на секаков вид градби: висока градба и ниска.
Спроведување на Директивите на ЕУ за индустријата и воведување автоматски мониторинг
АКО ИМА КАЗНИ ЌЕ ИМА И ПОЧИСТ ВОЗДУХ
Таа додава дека потребно е приклучување на индустриските капацитети, вклучувајќи ги Цементарница и Рек Битола на гас, забрана за увоз на јаглен, петрол кокс, отпад, како и набавка на соодветна печка, инсенератор за медицинска пластика во Дрисла.
– Казна затвор на сите што беа фатени како увезуваат отпадно масло со кое се загреваат училиштата и институциите, секое правно лице што предизвикува хаварија и загадува реки, почва, воздух, додава Анастасова.
Според неа циркузите кои ги прави Управниот суд и донесува пресуди за враќање на рудникот во Иловица, мора да престанат и виновниците, судиите да бидат казнети , заради кршење на Уставот.
– Сите рудници, мали хидроцентрали, дупчење на Шар Планина за автопат, градење во Национален парк Маврово, со сето тоа мора да се престане, а виновниците што тоа го дозволуваат да се казнат со затворски казни, Има уште многу, но за почеток  мислам дека е доволно, заклучува таа.
Соња Танеска

Поврзани новости