Отворен е патот за заедничко чествување од страна на Скопје и Софија на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил, откако вчера на владина седница беше усвоена информацијата за првиот состанок на меѓувладината комисија меѓу Република Македонија и Република Бугарија, основана врз основа на член 12 од Договорот за добрососедсвтво, одржан во Софија на 10 јуни годинава.
Како што соопштија од владинбата прес-служба, сугестијата за заедничкото чествување на овие личности од нашата заедничка историја е предложена во Годишниот извештај на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, кој двете влади го разгледале и прифатиле.
– Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува. Се прифаќаат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за петто одделение во Република Бугарија и за шесто одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за шесто одделение во Република Бугарија и за седмо одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година, наведува Владата.
Воедно, се бара од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања решително да ја забрза својата активност за значајни теми од нашата заедничка историја посочувајќи при тоа на Гоце Делчев, Илинденското востание и други прашања и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година, во однос на содржината на учебниците. Прифатено е во својата работа Комисијата строго да се придржува кон одредбите од чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, која нагласува дека е неопходен „придонес за објективно, засновано на автентични и засновани историски извори за научно толкување на историските настани”.
Се очекува во текот на месец октомври двете земји заеднички да ја одбележат на највисоко ниво и 1005-годишнината од смртта на Цар Самоил. Заев и Борисов за време на разговорите изразија мислење дека тоа ќе биде доказ за ефективното исполнување на обврските преземени од двете влади со Протоколот од 10 јуни, потпишан за време на првиот состанок на Меѓувладината комисија.