Ние гаранции од Бугарија не добивме за време на словенското организирање на Самитот ЕУ – Западен Балкан, ниту пак ЕУ доби гаранции. Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев и додаде дека работните групи продолжуваат да работат.
-Ако едната страна сака и понатаму да блокира и да го прави тоа, тоа останува на страната. Дефинитивно нам ни треба поддршката од Бугарија, таа е еден од нашите први соседи, источен сосед. Често покрај пријатели се нарекуваме и браќа, а браќата си помагаат меѓу себе, не наоѓаат начини и причини како да се блокираат. Бугарија е членка на ЕУ и ЕУ без една земја не може да донесе одлука, но убеден сум дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее за да можеме да испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации, истакна Заев.