Синдикалниот притисок за исполнување на нивните барања во рамки на генералниот штрајк за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник да се вметне или преку амандман или преку Општиот колективен договор, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска го продолжува на улица, со блокада од 7 до 10 часот на влезот на Скопје на раскрсницата во населбата Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16 Македонска бригада“, а ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.
Поради блокадата, МВР најави дека утре во посочениот период ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај на сите сообраќајници што гравитираат околу крстосницата на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16. Македонска бригада“.
– Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици, соопштија од МВР, апелирајќи до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива протестот.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) информираше дека Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ дискутирало за активностите кои се спроведуваат со генералниот штрајк, посочувајќи дека незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и поради тие причини решиле да продолжат со други форми на синдикален притисок и незадоволството да го изразува на улица.
Пораката ќе биде јасна за пратениците кои не даваат поддршка и глас за предлог-амандманот на ССМ, зошто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза, се вели во објавата на ССМ.
Од ССМ, исто така, укажуваат на работниците и на граѓаните однапред да го планираат своето движење во наведениот период и да ја избегнат раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“ или солидарно да им се придружат.