Струмичанката Славица Ангелова која победи на регионалното музичко шоу ,,Ѕвездите на Гранд” денес ја доби главната награда – автомобил Фиат Типо.
Саша Поповиќ, кој е креативен директор на Гранд Продукција, и ги врачи клучевите на Славица денес во Белград, и се пошегува дека сите во Струмица кога ќе ја видат, ќе знаат дека тоа е автомобилот кој го освоила на натпреварот.
Покрај него, таа доби и снимање на песна и спот од продукцијата.
Поповиќ нагласи дека ќе и помагаат на Ангелова во градење на музичката кариера, и дека таа ќе биде честа гостинка во Белград.
Музичарот Ѓорѓе Давид, кој беше со неа додека и ги врачуваа клучевите од автомобилот, кажа дека е горд бидејќи Славица чесно победила. Истакна дека кариерата ќе ја гради паралелно во Србија и Македонија, но верувал дека во Македонија ќе има поголем успех, бидејќи таа е првата која и донела победа на земјата во шоуто на Гранд.
Струмичанката со години наназад е дел од музичката сцена. Има учествувано на фестивали, но и на повеќе музички талент натпревари во регионот.
Изминативе години победниците на шоуто добиваат награда автомобил во вредност од 20.000 евра и снимање на песна и спот, како и помош во кариерата. Пред десеттина години пак, победниците добиваа стан во Белград од околу 40 метри квадратни, целосно опремен, и поддршка во градењето на музичката кариера.
Вики Клинчарова