Пожарите што неколку дена беснееја и зад себе проголтаа стотици хектари шуми, конечно се или изгаснати или ставени под контрола. Тоа беше повод синоќа жителите на Берово да излезат на улиците на својот град и со аплауз и музика да им изразат благодарност на своите херои – пожарникарите од Словенија, кои несебично помогнаа да се совлада огнената стихија.
Пожарникарите утрово заминаа од Берово и ги поздравија беровци со звучна сигнализација. Градоначалникот Звонко Пекевски на пожарникарите им додели благодарници за неуморната бора со огнените јазици кои ја зафатија претходните денови Малешевијата.
Претходно од Општина Берово соопштија дека доброволното пожарникарско друштво „Толмин” од Словенија, кое со своите пожарникари доброволци помогна да се изгаснат шумски пожари во овој регион, им ја подари личната пожарникарска опрема на своите колеги од Територијалната противпожарна бригада на Берово.
-Донирана е лична пожарникарска опрема, договор за соработка и обука и создадено силно пријателство со доброволното пожарникарско друштво ‘Толмин’ од Словенија. Договорена е и поголема донација на пожарникарска опрема која веќе нашите искрени пријатели ќе ја обезбедат со пристигнување во својот дом во Словенија. Планирана и обука во Словенија на нашата противпожарна бригада која би се реализирала во текот на следната година, информираа од Општината.