Со осум мртви заврши заложничката драма во затворот во југозападниот руски регион Волгоград.
Руската национална гарда соопшти дека откако безбедносните сили успеале да влезат во затворот нејзините снајперисти убиле четворица киднапери.
Заложничката криза конкретно се случуваше во казнената колонија бр. 19 во градот Суровикино во регионот Волгоград, кој важи за затвор со максимално ниво на безбедност.
Киднаперите, кои биле затвореници во затворот, претходно наводно со нож извршиле напад врз чуварите, а дел од службениците ги држеле како заложници.
Федералната казнено-поправна служба на Русија преку соопштение објави дека во заложничката драма биле убиени четворица затворски чувари откако четворица од затворениците успеале како заложници да земат осум чувари и четворица други осуденици.
„Сторителите им нанеле убодни рани од различни видови на четворица вработени во затворот, од кои тројца починале. Останатите четворица, кои дале отпор, беа хоспитализирани, а еден од нив починал во болница“, се вели во соопштението на ФСИН, во кое се додава дека четворица други затвореници исто така се ранети во заложничката криза.
Канали на Телеграм кои се поврзуваат со ФСИН претходно објавија видео на кое се гледаат четворица затвореници, кои себеси се нарекуваат „борци на Исламската држава“, како држат ножеви и стојат до три тела во униформи на затворската служба, како и до и уште едно повредено лице во униформа.
Еден од каналите на Телеграм ги идентификуваше затворениците и наведе дека двајца се од Узбекистан, а двајца од Таџикистан. Тројца од нив отслужувале казна за недозволени наркотици, а еден за сериозно оштетување на туѓото здравје.
Ова е втор пат летово да има заложничка криза во рускиот поправен систем. Во текот на јуни, неколку затвореници зедоа заложници во затвор во Ростов на Дон. Руските власти тогаш изјавија дека тие биле членови на исламски држави.
За време на оваа заложничка беа убиени пет киднапери, додека двајца заложници беа ранети. Во претежно муслиманскиот регион Дагестан, исто така во јуни, во престрелки имаше најмалку 20 убиени.