Со 65 гласа „За“ Собранието избра техничка Влада

by Fokus

Со гласа 65 гласа „За“ и три „Против“, без воздржани Собранието ја изгласа техничката влада, на чело со премиерот Талат Џафери.

Мандатот на техничката влада ќе трае од изборот, па, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници во рамките на парламентарните избори на 8 мај.

Техничкиот премиер Талат Џафери се заложи дека ќе работи одговорно и без манипулации и во ниту еден момент нема да дозволи отстапување од функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта.

Џафери пред пратениците повтори дека го прифаќа мандатот со задоволство и полна одговорност, со ветување дека совесно и врз основа на Уставот и законите, Владата и преговорите за нејзино формирање ќе ги води согласно политичката потреба и состојба во државата, со надеж дека предложените министри ќе ги исполнат очекувањата на актуелната ситуација и над се, со одговорност кон граѓаните.

Претседателот на Владата заедно и министрите дадоа свечена изјава дека функцијата ќе извршуваат совесно и одговорно и ќе го почитуваат Уставот на Македонија.

Џафери и членовите на Владата потоа ги потпишаа свечените изјави.

Славјанка Петревска ќе раководи со ресорот одбрана, Панче Тошковски ќе раководи со Министерството за внатрешни работи, Кренар Лога со Министерството за правда, додека Артан Груби со Министерството за политички систем. Бујар Османи останува министер за надворешни работи, Фатмир Бесими ќе раководи со финансии, Јетон Шаќири со образование, а Ѓоко Велковски со труд и социјална политика. Ристо Пенов продолжува да раководи со локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчева со култура, Азир Алиу со информатичко општество и администрација, Благој Бочварски со транспорт и врски а Каја Шукова во ресорот екологија.

Министри без ресор се Бојан Маричиќ задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи за економски прашања и Славица Грковска за политики за добро владеење.

Поврзани новости