Со 6.500 евра од Министерството за култура не се прави добар ,,Макфест”, втора година по ред општината ги одби средствата!

by fokus

Општина Штип втора година по ред се откажува од одобрените средства од Министерството за култура, наменети за одржување на 38-то издание на реномираниот фестивал на забавна музика ,,Макфест”.

Сумата од околу 6.500 евра е под секое достоинство кога е еден ваков фестивал во прашање, смета градоначалникот Иван Јорданов, кој за ,,Фокус” појаснува дека и минатата година имаа сличен настан.

И лани на конкурсот за поддршка на културни проекти од национален интерес министерството одобри слична сума, од 6.000 евра, но и тогаш градоначалникот изјави дека ги одбива средствата, а општината ќе најде начин да обезбеди доволно финансии, за да настанот биде на ниво.

-Минатата година обезбедивме околу сто илјади евра за ,,Макфест” кој е гордост и белег на градот. Општината обезбеди околу околу 4.5 милиони денари, додека пак останатите околу 1.2 милиони денари се обезбедија од спонзори.

Го враќаме стариот сјај на фестивалот, во чекор со современите технички достигнувања, со квалитетни музички композиции и промовирање на нематеријалното културно наследство, и за тоа се потребни одредени финансии. Понудените 6.500 евра се понижување на естрадата, но и на јавноста која е свесна за значењето на овој фестивал -вели Јорданов.

Лани манифестацијата помина со многу новитети. Немаше награди како во минатото, а се зголеми износот на финансиски средства кои општината во минатото ги давала за откуп на композицијата.
Беа предвидени 61.500 денари за композиција, додека пред тоа сумата била околу 40 илјади денари. Целта на оваа промена беше да се добие подобар квалитет на музичките композиции.

Покрај ,,Макфест”, и Офф-Фест ги одби средствата доделени од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата.

Вики Клинчарова

За оваа манифестација министерството одобрило сума од 16.500 евра, што според организаторот Скопски џез фестивал се недоволно средства, па поради тоа по 21-годишна традиција, фестивалот нема да се одржи.

Поврзани новости