Министерството за култура ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2023 година.
Како што информираат на страницата на министерството, во фокусот на работата на комисиите беа принципите: поддршка на квалитетот, поддршка на младите уметници, поддршка на креативните и иновативните изрази, поддршка на проектите со традиционален и докажан квалитет и со реноме, запазување на принципот на застапеност – од родова до етничка. Избрани се голем број на проекти од повеќе културни дејности, а во делот за музичка и музичко-сценска дејност, впечатлив е податокот дека се одобрени дури 180.000 денари, односно околу 3.000 евра за концерт на хрватскиот пејач Петар Грашо.
Како што е наведено, за овој проект, односно концерт на Грашо, аплицирале од Здружение за културно и социјално-општествен развој, Креативен центар за млади Битола. Инаку, музичарот е доста актуелен на нашите простори, кога се настапите во клубови и дискотеки во прашање. Освен што редовно настапува во локали, тој неретко гостува и на општински манифестации на отворено во земјава. Во истата категорија на културни дејности, иста сума е одобрена и за Скопски Брас фестивал.
Најголема сума од оваа категорија е одобрена за Скопскиот џез фестивал, и тоа 3.800.000 денари, односно околу 62.000 евра. Зад него е проектот Денови на македонска музика ДММ, со одобрени 2.850.000 денари, односно над 46.000 евра, а на трето место е Тајмлес Фестивал со одобрени 2.204.000 денари, односно над 35.000 евра.
Вики Клинчарова