Денеска во земјава ќе пристигне испорака на 200.000 кинески вакцини „синофарм“, соопшти Министерството за здравство.
Вакцините се купени во директни преговори со производителот, а во скопската поликлиника „Јане Сандански“ ќе ги дочекаат министерот за здравство Венко Филипче и кинескиот амбасадор Џанг Sуо.
Со пристигање на вкупно 200.000 вакцини на „Синофарм“, по велигденските празници и официјално ќе започне масовна имунизација на населението.
Досега се вакцинирани вкупно 60 000 граѓани, а надлежните уверуваат дека од следната недела дневно ќе се вакцинираат по 10 000 граѓани, без да се создаваат гужви.
-Се се спроведува во најдобар ред, и правилно се распределуваат вакцините согласно стратегијата – најголем дел за повозрасните граѓани и еден дел помал за вработените во критичната инфраструктура, посочи вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Светската здравствена организација најави дека планира наскоро да донесе одлука за итно одобрување на кинески вакцини против ковид-19 на „Синофарм“ и „Синовак“. Списокот на вакцини одобрени од СЗО се смета за потврда за нивната ефикасност и безбедност.