Со брзина од 150 километри на час се движеле над 13.300 автомобили на Скопската обиколница во текот на септември годинава. На патот Тетово – Гостивар, пак, со брзина од 150 километри на час возеле 3.921 возило. Вкупната фреквенција на сите патишта во државава заклучно со септември годинава изнесува 490.735 возила, покажуваат податоците од автоматските и мобилните бројачи што ги поставува на патиштата Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Автоматските бројачи, заклучно со средината на септември, покажуваат просечен годишен дневен сообраќај (ПГДС) со по околу 16.000 возила, а како најоптоварени со сообраќај меѓу државните патишта се делниците Велес – Петровец, Тетово – Гостивар и Миладиновци – Хиподром. По нив со околу 15.000 возила следат Скопје – Тетово, со околу 14.000 Велес – Градско, со околу 13.000 клучката Гевгелија до границата со Грција, Хиподром – Петровец…
ЈПДП има податоци за бројот и категоријата на возилата, брзината со која се движат и сообраќајното оптоварување на 170 патни делници на државните патишта што ги добиваат од автоматските бројачи поставени на 70 локации и од петдневно броење на возилата, во текот на една година со мобилни бројачи на 99 патни делници на државните патишта.