На денешното рочиште за случајот “Рекет” се прeзентираат видео снимки, кои со камера ги снимил бизнисменот Орце Камчев.
На првата снимка се слуша разговор меѓу Камчев, Јовановски и Ана Камчева.
Во неа се слуша како Боки 13 во детали ги објаснува чекорите како ќе постапи Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во врска со случајот „Империја“ во кој беше осомничен и Орце Камчев.
Бојан 13: Во понеделник ќе ве ослободат
Орце: Добро
Бојан 13: Вторник, најкасно, веројатно.Врховен ќе ве ослободи.
Орце: Врховен, не може да дојде до врховен до понеделник
Боки 13: Да, тогаш ќе дојде. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби
Орце: А, Апелација?!
Боки 13: Па, Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни. Врховен се жалите, како втор спремен. Начелното правно мислење и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го продужува, да го одолговлекува, понеделник- вторник, вие сте на слобода.
По разговорот со реакција се јави Боки 13.
-Снимката не треба да биде земена како доказ, бидејќи водам приватен разговор и снимката е стекната незаконски. Исто така, разговорот е нејасен и јас користам неточна правна терминологија, реагираше Боки 13.
Неговиот адвокат Сашо Дуковски додаде дека на снимката недостасувал датум и време.
Обвинителката Вилма Русковска појасни дека овој разговор не е снимен со посебни истражни мерки, за да има точен датум и време.
По првиот разговор беа презентирани уште седум снимки, кои не беа во целост разбирливи за присутните во судница.
Во втората снимка се слуша гласот На Камчев кој бара одговори од Боки 13 за тоа како му бил планот, за да и тој да можел да си испланира.
-Сакам сите да бидат среќни и задоволни. Како ти е планот, кажи ми толку и толку, во февруари, март… за да можам и јас да си планирам.
Јовановски зборува за три опции.
– Овие три лица со кои што јас договарам, преговарам и ќе се договорам, или нема да се договорам. Доколку продолжи СЈО да го работи предметот, првата ставка ќе биде укинување на мерката куќен притвор, по основи кои што ќе ви ги кажам и датум на којшто ќе ви го кажам. Истиот момент, или недела дена, или 10 дена подоцна, со некакви договори со странски компании што он ги има ќе биде вратен пасошот. Следниот чекор е или истиот момент, што не верувам лично, или подоцна ќе биде вратен пасошот – му вели Боки 13 на Камчев.
Во еден дел од разговорот Боки 13 зборува во шифри – една цигара или две цигари, а ја споменува и обвинителката Лиле Стефанова која го води предметот „Империја“.
– Доколку се случи таа опција да се настапи со заеднички предмет, ако треба да се даде цела кутија, тоа ја убедува Лиле Стафанова, ќе се дадат две цигари. Една цигара пушиме ние – вели Боки објаснувајќи една опција која била претходно договарана.
Во следен разговор се слуша гласот на Камчев како му вели на Боки 13 дека му ги спремил парите и му направил спецификација.
Потоа, беше објавено видео на кое се гледа торбата “Луј витон”, полна со 1 милион евра, а на врвот се гледаат банкноти од по 50 евра. Потоа, од домот на Камчев со торбата во рака излегува Зоран Милевски Кичеец, а до него оди Бојан Јовановски.
По објавата на снимките, повторно реагираше Јовановски.
-Ова е груба аматерска монтажа. Флангрантно лошо монтирање на она што сака да го докаже судијката овде присутна, рече Јовановски.
По реакцијата следуваше нова снимка.
-Орце, срце мое, му вели Боки 13 на Камчев, па продолжува:
“Да ја почекаме Весна Димишкова што ќе направи, во случај да не одлучи ништо, во четврток Тони ќе оди кај Катица за да има оправдување жената…, му вели Боки, па појаснува и дека пасошот ќе му бил вратен.
Тука на спикерфон се вклучува и Јанева. Боки и кажува дека Камчев ќе го прати Тони во среда, четврток.
-Ќе го прати со гаранциите за пасошите, а потоа со согодбите и другото, вели Боки.
Катица пак вели: „Другото, јас сè го држам под контрола“, на што Боки 13 вика: „Не, он се плаши од Лиле“, на што Камчев реагира „Не се плашам бе!“, по што женскиот глас додава: „Многу сум ангажирана, затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене она не може ништо“.
Потоа во друга снимка, Камчев му ѕвони на Бојан 13 и се жали дека СЈО пуштило покани за 8 души, меѓу кои „братот на Ана“ , а Катица му вели, морало да биде така.
Потоа Бојан му објаснува: „Подобро заради постапката за да пројде сè за на крај да биде силна спогодбата“, на што повторно го прашува женското лице: „Имаш нешто да додадеш?“, а таа одговара: „За малку активности да има во април“.
Орце Камчев додава: „Добро, значи техничко прашање, така?“, а Боки 13 одговара: „Така е!“, на што Камчев дополнува: „Шминка, шминка…“
На крајот се слушна и гласот на Јанева која му вели на Камчев: “Не се грижи, се ќе биде ОК”.
В.В.