Со изведување докази обезбедени со ПИ-мерки, со тајно следење на Бојан Јовановски и Зоран Милевски надвор од домот со посебни технички средства, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Рекет“. Обвинителката Вилма Русковска одлучила да ги прикажува јавно бидејќи меѓу нив немало приватни снимки.
Од прикажаните видеа се гледа дека биле следени возило порше со бугарски ознаки и џип со македонски ознаки. Се прикажуваат и снимки од барот Интермецо, ресторан Воденица, во кругот на фабриката ОХИС и други локации во Скопје во јуни 2019, кога биле наредбите за ПИ-мерки.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.