Утрово времето во земјата е облачно и студено, со врнежи од снег. Дува слаб до умерен северозападен ветер кој е најинтензивен во Ѓуриште во Светиниколско. Во 7 часот врнежи нема само во Охридско.
Снег најмногу има во Маврово каде е формирана снежна покривка од 78 сантиметри. Во Лазарополе има 51 сантиметар снежна покривка, Крушево 41, Скопје и Тополчани 15. Најниска температура е измерена во Маврово од -11 степени.
Денеска времето ќе биде облачно и студено, со врнежи од снег. Врнежите ќе бидат пообилни во претпладневните часови, особено во јужните делови. Попладне врнежите ќе ослабат насекаде. Температурата ќе се движи во интервал од минус четири до еден сепен.
Во Скопје времето ќе биде облачно и студено со повремен снег особено претпладне. Температурата преку денот ќе достигне до минус еден степен.
Во наредните денови земјата ќе биде под влијание на многу студена и влажна воздушна маса што ќе услови се постудено време со повремен снег. Во текот на денот врнежите ќе се префрлат кон исток, каде што ќе бидат поинтензивни.
Локални врнежи од снег ќе има и утре претежно во западните делови, а краткотраен снег е можен и во ноќта кон среда и претежно на југот. До четврток кога ќе има прекин на врнежите, температурите ќе бидат значително под просекот за овој период од годината. Најстудено ќе биде во среда и четврток преку ноќта, кога утринската температура на места ќе се спушти и под -10 степени.
Од петок температурите релативно брзо ќе се покачуваат.