Снежана Стамеска замина во легендите: Без храброст, животот ќе го поминете како животец!

by Fokus

На 79 години почина Снежана Стамеска, една од најзначајните актерки на македонскиот театар, соопшти нејзината долгогодишна матична куќа Драмски театар од Скопје.

Зад неа остана плодната актерска кариера и бројни улоги и награди. Јавноста ќе ја памти како Пандора во „Солунски патрдии“ (1979), Вера во „Диво месо“ (1979), Сина во телевизиската серија „Трст виа Скопје“ (1987), Вера во „Среќна Нова ’49“(1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985), но и по многуте улоги во претстави.

Стамеска го посвети животниот век на актерството, но и на семејството. Има ќерка и син, а сопругот и почина пред околу 15 години.

Во постари интервјуа, во неколку наврати кажуваше дека се води според американската поговорка, дека реализиран човек е оној кој родил дете, направил куќа и засадил дрво. За неа тоа значело да си го остварување на животниот пат.

-Јас го остварив мојот животен пат. Имам деца, куќа направив во Леуново, дрва посадив… Живеев и живеам како што сакам, го работев она кое го сакам и гордо се спарвував со себе си. Имам многу љубов во себе.

Кон се што ме опркружува, кон другите, кон животот…

Без страст кон самиот живот, без храброст во живеењето, без солидарност и отворени очи за судбината на другите, нема ништо!

Животот ќе го поминете како животец, раскажа таа во интервју за Теа Модерна пред 14 години.

Посмртните останки на актерката ќе бидат изложени утре од 10 часот во капелата на гробиштата Бутел, по што ќе биде погребот.

Од Драмски театар дополнително ќе ја објават информацијата за денот на одржување на комеморацијата.

Вики Клинчарова

Фото: Игор Тодоровски

 

 

 

Поврзани новости