Снегот создаде огромни проблеми во Германија, камиони заглавија во Франција

by Fokus

Обилен снег падна во делови од Западна Европа, каде што доведе до големи прекини во сообраќајот, а привремено беше затворена и Ајфеловата кула во Париз.

Службите за итни случаи во југозападната германска покраина Баден-Виртемберг биле вклучени во повеќе од 380 инциденти поврзани со временските услови во изминатите 18 часа, соопшти денеска полицијата.

Портпаролот на полицијата соопшти дека се повредени најмалку 30 лица, главно полесно, а штетата изнесува повеќе од еден милион евра.

Најпогодени градови биле Фрајбург и Констанц, каде полицијата учествувала во нешто помалку од 300 операции поврзани со временските услови во периодот од четврток попладне до петок наутро, соопшти полицијата.

Во соседна Франција околу 1.750 камиони се заглавени на патиштата, а најтешко се погодени северните провинции Бургундија и Нормандија, изјави министерот за транспорт Франсоа Дуроврај за телевизијата BFMTV.

Стотици тешки возила останаа заглавени на незгодните патишта откако возачите постојано ги игнорираа временските ограничувања. Многу возачи мораа да преноќат во своите возила.

Железничкиот сообраќај беше во прекин и во Франција, каде што 200.000 домаќинства останаа без струја поради временските услови, соопшти снабдувачот Енедис.

Ајфеловата кула во Париз беше привремено затворена за посетители откако падна снег, што ретко се случува.

Поврзани новости