Во Србија утринава е измерен снег на планините и до 15 сантиметри. Како што пишуваат српските медиуми, во моментов сите патни правци од прв приоритет се проодни.
-Во текот на ноќта била ангажирана тешка механизација, а околу два часот по полноќ биле ангажирани и грејдери на Златибор. Многу врнеше снег, камионите не беа исклучени цела ноќ. На теренот имаше 13 камиони, а најкритични се делниците преку Златибор, Златар и Кадињача. Во соработка со сообраќајната полиција воведена е забрана за шлепери – изјави Ален Мушановиќ од Путево Ужице.
Во центарот на Нова Варош и Златибор висината на снегот е околу 10 сантиметри, а на околните планини висината варира од 15 до 20 сантиметри, во зависност од надморската височина.
Делови од Косово, пак, се целосно побелени од обилните снежни врнежи, а како резултат на тоа, создадени се и големи тешкотии во сообраќајот, пренесуваат тамошните медиуми.
Како што пишуваат тие, има и долги редици на патот Приштина-Пеќ. Овој патен правец е блокиран од камиони и автобуси, поради тоа што автопатот не е исчистен од снег.
Метеоролозите издадоа црвено предупредување за делови од Хрватска поради силно невреме со ветер и над 130 километри на час.
Времето е многу опасно и подразбира високо ниво на опасност по здравјето,а постои и значителен ризик од оштетување на крајбрежната инфраструктура, велат од хрватската управа за хидрометеоролошки работи.
Во прекин се и дел од траектните и катамаранските линии поради неповолните временски услови.