Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека имал комуникација преку СМС-пораки со премиерот во оставка Зоран Заев, кому, како што рече, му порачал да не попушта во преговорите со Бугарија.
-Имавме една комуникација со Зоран Заев, кога проструи во јавноста дека се преговара за спорот со нашиот источен сосед. Во таа комуникација, сега е непристојно јас детали да вадам, но генералната моја поента беше да не попушта на притисоците бидејќи македонскиот народ и македонската држава немаат веќе што да даваат, ниту пак што да губат. И дека тука сум јас, тука е и ВМРО-ДПМНЕ ако му треба поддршка во таа одбрана на македонскиот идентитет, дека му стоиме на располагање – рече Мицкоски на Канал 5.
Тој додаде дека за прашањето со источниот сосед ВМРО-ДПМНЕ и тој лично му стоеле на располагање на Заев, само доколку не попушта во преговорите.