Разорниот инсектицид ланате е причина поради која вчера почина 47-годишна скопјанка, а нејзиниот сопруг и свекрва се хоспитализирани, откако јаделе домашно приготвена храна, во која според првичните информации, отровот бил ставен по грешка.
Ланате е причина за смртта во агонија на илјадници кучиња, мачки и птици, кои несовесни граѓани константно ги трујат во Македонија.
Околу овој отров, кој порано масовно се користеше во земјоделството, а веќе четири години бил целосно забранет во земјава, „Фокус“ разговараше со сопственици на земјоделски аптеки во Тиквешијата, каде и до денес, и покрај забраната, лозари постојано го барале, но и по нелегален пат го набавувале.
-Тоа е еден од најсилните инсектициди, кој е познат помеѓу лозарите како најефикасен. Се користеше за прскање на лозјата, но и за прскање на зелка, домати… Во времето кога го продаваме, сто грама ланате изнесуваше 240 денари. Тие сто грама во прав, се раствораа во 200 литри вода, самото тоа зборува за неговата јачина.
Имавме посебни регулативи при продажбата, значи купувачот мораше да ни покаже лична карта и да земеме податоци од него, како и да му појасниме под кои услови се чува.
Во темна и заклучена просторија со плочки, да не биде на дофат, но и откако ќе се испрска со него, 42 дена да не се влегува во местото каде е прскано.
Го бараа најмногу против лисната вошка, а и денес, иако го нема во ниту една земоделска аптека, се уште доаѓаат и сакаат да купат – вели сопственик на земјоделска аптека, инаку агроном по професија.
Додава дека и покрај строгата забрана, јавна тајна е дека ланате е широко распространет во земјава, за што сведочат и редовните труења на кучиња и мачки, за кои никој досега не одговарал.
-Еден трујач да беше фатен и казнет, ќе се замислеа и останатите дали некогаш ќе трујат и дали воопшто ќе чуваат дома ланате. За да ви ја доловам неговата сила, ќе ви кажам дека доколку додека се прска прелета некоја пчела, на пример, истата веднаш ќе биде покосена. Дејството му е многу брзо. Инсектицидот инаку е бел многу ситен прав, како брашно, без мирис. Поради тоа и кучињата не можат да го почувствуваат кога им се дава во храната. Во минатото и Охис го произведуваше, но во течна состојба, разреден.
Во прав се продаваше со јачина од 90 проценти, но имаше и послаб, со јачина од 50 проценти. Во секој случај, многу малку е доволно за да убие животно или човек, само по неколку минути започнува силно да дејствува на нервниот систем, во тешки маки умираат животните отруени со ланате – појаснува агрономот.
-Го нарачуваат се уште за прскање, бидејќи е најефикасно средство кое нема замена. Шофери го носат од Турција, преку Грција, а некои и од Кина, и така стига кај нас. Од она кое го знам, сега се продава по цена од околу 1.000 денари за сто грама.
Тоа е јавна тајна, во домовите на многу земјоделци може да се најде. Станува збор за мали ќеси кои се лесни за шверцување и не се сфаќа големата опасност од овој производ. Се надевам дека трагедијата која се случи во Скопје ќе им ги отвори очите на оние кои чуваат ланате, а институциите сериозно ќе се посветат на откривање на трујачите на животни со овој отров, оти излезе дека денес куче, утре човек, не е напразно кажано – вели тој.
Појаснува дека ланате одамна е забранет во европските земји, а кај нас до пред четири години сепак се продавал во земјоделски аптеки, бидејќи фирмите кои ги снабдувале со роба, уредно им го продавале на фактура. Денес, вели, во земјоделска аптека нема да се најде, но затоа црниот пазар непречено функционира, а луѓето не ја сфаќаат сериозно опасноста од инсектицидот.
Вики Клинчарова